Во преполна сала со дечиња од Детската градинка „Вера Циривири Трена“ во Штип студентите од Факултетот за образовни науки ја одиграа премиерата на претставата „Приказна за рибарот и рипката“.
Претставата се играше во Мултимедијалниот центар на УГД, а салата беше исполнета од дечињата кои беа презадоволни од она што имаа можност да го видат на сцената.
Претставата се игра по текст на Александар С. Пушкин, а сите улоги ги толкуваат студентите од трети, петти и седми семестар од Факултетот за образовни науки. Режијата, драматизацијата и адаптацијата на текстот се на проф. д-р Кирил Барбареев, музиката е на проф. д-р Томислав Таневски, а кореографијата на проф. д-р Билјана Попевска. Претставата се изведува со техничка поддршка од Александар Максимов и е во целосна продукција и реализација на Универзитетот „Гоце Делчев“
Покрај дечињата, големо задоволство изразија и наставниците и наставничките кои беа заедно со децата и пројавија интерес во иднина соработката со Факултетот за образовни науки да биде на едно повисоко ниво во интерес на децата и воспитно-образовниот процес.
Следните претстави ќе го имаат следниот распоред:
- 27 декември во 10.30 часот – претстава за Детска градинка „Астибо“ – Штип;
- 27 декември во 12 часот – претстава за Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Сите претстави се играат во Мултимедијалниот центар на УГД.