Во Македонската академија на науките и уметностите денес беше промовирана книгата „Руска религиска философија“ од проф. д-р Трајче Стојанов, професор на Факултетот за образовни науки на УГД.
- Оваа книга во три тома можам слободно да кажам дека е значајно дело не само за македонската туку и за светската философска наука. Ова е дело кое сигурно ќе остави голем белег на светската философија. Трудот е импозантен, во поглед на обемноста и педантноста во истражувањето. Има истражено целосно еден сегмент од руската философија од 18, 19 и почетокот на 20 век, таканаречена руска религиска философија, така што луѓето добиваат слика за патиштата по кои се движел рускиот философски и воопшто мисловен дух во тие епохи. Значењето на делото не е само поради тоа што претставува еден исклучителен увод во таа проблематика, туку и отвора прашања кои нѐ засегаат и нас како култура, бидејќи во основата на руската религиска философија е философирање и објаснување на светот низ призма на православната философија, култура и естетика. Прашањата кои ги поставува проф. д-р Трајче Стојанов директно нѐ засегаат и нас како култура. Имено дали можеме на светот и на собитијата во светот да им дадеме автентичен прилог на некаков мисловен филосовски систем, бидејќи тоа прашање си го поставувале и руските философи и сѐ уште е тоа отворено прашање и во Русија, но и овде, бидејќи делиме иста универзална матрица со руската култура и во основата православната философија на православната црква нѐ засега и нас како народ - рече промоторот на тритомното издание проф. д-р Ристо Солунчев.
На промоцијата беа присутни голем број академици, професори, челниците на Македонската православна црква и амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Н.Е. Сергеј Баздникин.
- Ова дело не само што ќе придонесе во светската философска мисла, оваа книга ќе биде значаен придонес и во зближување на двата народа кои традиционално имаат многу добри односи - изјави амбасадорот Баздникин.
Во својот говор академик Георги Старделов истакна дека вакво дело одамна се чека во македонската философска мисла.
- Вакво дело ѝ требаше на Македонија многу одамна, но сепак е добро што се појавува на философската сцена и сигурно дека претставува една значајна литература за развојот на философијата во оваа држава - рече академик Старделов.
Авторот на книгата проф. д-р Трајче Стојанов им се заблагодари на присутните и истакна дека ова дело треба да биде почеток за нешто што во иднина допрва треба да се проучува и истражува.
- Можеби на фонот на оваа философија може да се научиме како да философираме автентично, да философираме по македонски. Тука се гледа можеби најголемото значење на оваа книга која ете денеска ѝ се приопштува на македонската јавност, а која во голема мера е дел од мојата докторска дисертација, одбранета пред 6-7 години. Значи, се пишуваше 5-6 години, се дотеруваше уште толку и, еве, резултат се овие три тома „Руска религиска философија“. Тоа е нешто со што се занимавам практично целата моја досегашна скромна академска кариера, десетина години се пишува овој труд. Околу една третина влезе во докторска дисертација, останатото е допишувано подоцна, низ мојот престој во Русија, во САД, дома, во Македонија, секаде бев на некој начин опседнат со оваа тема, и ете го резултатот денеска – изјави авторот проф. д-р Трајче Стојанов.
Книгите се дел од библиотеката Филозофија на издавачката куќа „Аз-Буки“, односно 70, 71, 72 издание од оваа најзначајна филозофска едиција во нашата земја.
Организатори на промоцијата беа Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Филозофското друштво на Македонија и Издавачката куќа „Аз-Буки“.