Голем број поранешни и актуелни учители денес свечено ја го промовираа зборникот „70 години учителска школа Гоце Делчев“ во Штип. Монографијата опфаќа истражувања и проекти кои ги прават сите кои на еден или друг начин учествувале во првата учителска школа во градот. Изданието е помогнато од страна на Универзитетот „Гоце Делчев“.
- Јас безрезервно ја поддржав иницијативата за овој зборник и за неговото издавање. Универзитетот е логичен след на сето образование што се случувало во последниот век во градот Штип и затоа ние имаме обврска тоа да го поддржиме во насока да се појави зборникот. Почитуван градоначалник, треба да бидете горд што сте градоначалник на градот Штип – лулката на македонската писменост и на она што значи наша култура и идентитет. Во таа насока треба максимално да ги поддржувате сите иницијативи кои доаѓаат од учителите бидејќи се значаен сегмент во развојот на нашето општество - порача ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, во своето поздравно обраќање.
На денешната промоција свое обраќање имаше и деканката на Факултетот за образовни науки, кој на некој начин е наследник и поддржувач на учителската школа во Штип.
- Имам посебна чест и посебно задоволство што имам можност да зборувам пред овој форум, кој всушност на дело ја отсликува 70-годишната традиција на учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип низ постоењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ односно на Факултетот за образовани науки. Соочени со парадоксите на цивилизацијата на 21 век, училиштето како носител на образованието и воспитанието стои на браникот на сопствената автономност за да ги сочува и денес своите функции кои се вечно актуелни и основни за човековото битисување, а тоа се образованието и воспитанието на младото поколение - истакна деканката на Факултетот за образовни науки, проф. д-р Соња Петровска.
Авторите на зборникот се едни од првите ученици на учителската школа, но и актуелни професори и научници кои работат во областа на образованието и воспитанието.