На Правниот факултет при Универзитет ,,Гоце Делчев’’ во Штип се одржа промоција на книгата ,,Епископскиот град Баргала“ на проф. д-р Трајче Нацев. Книгата ги обработува најновите резултати и сознанија од истражувањата поврзани со локалитетот Баргала кои даваат нова светлина на истражените и конзервативни содржини во градското јадро.
Авторот на книгата, проф. д-р Трајче Нацев, рече дека во книгата се опфатени сите досегашни резултати кои се добиени со археолошките истражувања кои оваа година одбележуваат 60-годишен јубилеј. Потсети и дека истражувањата ги започнала Блага Алексовска, а ги продолжил Звонко Белдедовски.
- Епитетот Епископски град не го добива само заради откриените ранохристијански објекти, туку и врз основа на историските и епиграфските податоци кои ги има во Баргала, каде што учествуваа два епископи, од кои едниот во фрески собор, а вториот во епител на главниот влез на епископската базилика. Со последните археолошки достигнувања комплетно е откриен епископиумот, каде што биле епископот со сите негови придружни објекти што ни дава светло за животот и организацијата во градот. Во рамките на тие истражувања до 2011 година е откриена и нова културна содржина во централниот дел на градот, каде што е откриена градската ранохристијанска базилика – рече проф. д-р Трајче Нацев.
Промотор на книгата беше проф. д-р Бошко Ангеловски, кој изјави дека ова е публикација за еден од најзначајните доцноантички градови, градот Баргала.
- Во книгата проф. Нацев несомнено ги има заокружено неговите долгогодишни искуства, професионален ангажман и најновите сознанија како археолошки и теренски и кабинетски. Оваа публикација ќе остане како незаобиколна референца за сите идни истражувачи на овој доцноантички град, како од аспект на археолошките истражувања, така и од аспект на конзервација. Баргала е еден од најзначајните градови во тој период, проф. Нацев има сублимирано во сите досегашни сознанија и ќе биде незаобиколна референца за сите идни истражувачи од нашата фела – потенцираше промоторот Ангеловски.





