Во организација на Факултетот за образовни науки (ФОН), денес, по повод 5 октомври – Светскиот ден на учителот, се одржа тркалезна маса на тема „Справување со насилството во училиштето“.
Настанот беше повод за промоција и отворање дебата околу новиот прирачник за наставници „Безбедна училишна средина: Справување со насилство со комуникациски протоколи“, изработен од професорите од факултетот.
На дебатата учествуваа наставници, воспитувачи и стручни соработници, а како воведничари се обратија проф. д-р Кирил Барбареев, проф. д-р Даниела Коцева и деканот на Факултетот за образовни науки, проф. д-р Трајче Стојанов.
Деканот Стојанов истакна дека овој прирачник е резултат на повеќегодишна иницијатива и неколкумесечен интензивен проект, чијашто главна цел е да им понуди конкретна поддршка на образовните работници.
„Заедно со колегите констатиравме дека при справувањето со насилството, наставниците во основните и во средните училишта често се соочуваат со проблем како правилно да искомуницираат – како со жртвата, така и со насилникот и нивните родители. Овие комуникациски протоколи треба да обезбедат почетна рамка за постапување со сите засегнати страни. Ова е можност да отвориме дебата со наставниците, да видиме дали ќе им биде од корист и во која насока да ги продолжиме истражувањата, со цел да развиеме и конкретни сценарија за справување со овој сериозен проблем“, истакна проф. д-р Трајче Стојанов.
Тој додаде дека прирачникот се занимава со пет основни видови насилство (физичко, емоционално, сајбер, сексуално и социјално) на првото, односно елементарното ниво на превенција и рана интервенција.
Проф. д-р Даниела Коцева нагласи дека целта на овој материјал е да биде практично помагало во секојдневната работа, а не уште едно издание што ќе остане неискористено.
„Прирачникот нема да биде уште една книга на полиците што ќе фаќа прашина, туку нуди практични механизми за справување со различните форми на насилство во современото општество. Училиштето мора да биде место каде што децата се чувствуваат безбедно, прифатено и сигурно. Ниту едно дете не треба да се плаши да оди на училиште, ниту пак кој било наставник да биде оставен сам да се соочува со насилството. Прирачникот им нуди точни насоки и протоколи за да бидат сигурни дека постапуваат правилно“, изјави проф. д-р Даниела Коцева.
Со организирањето на оваа тркалезна маса, Факултетот за образовни науки уште еднаш ја потврди својата посветеност кон градењето безбедна, поддржувачка и стимулативна средина во образовните установи.




