Во рамки на меѓународен проект, во кој УГД е партнер со универзитети и наставници од Норвешка, Данска, Шпанија, Ирска и Шкотска, се одржа работилница „Значајно физичко образование - Meaningful PE“.
На работилницата, која се одржа во Тренинг центарот на УГД, учествуваа околу 40 студенти на ФОН, наставници од основните училишта и воспитувачи од детските установи во Штип.
Учесниците беа запознаени со концептот на Значајно физичко образование (Meaningful PE), основните принципи и нивната примена во наставата по Физичко и здравствено образование во основното образование, со акцент на периодот на одделенска настава. Главниот акцент на работилницата беше ставен на споделување на искуствата од тројцата наставници-пионери во имплементацијата на Meaningful PE: Кате Бујароска-Ангелеска, тандем наставник по ФЗО во ООУ „Григор Прличев“ - Охрид, Југослав Спасиќ, тандем наставник во ООУ „Крсте Мисирков“ - Куманово и Методи Петров, тандем наставник во ООУ „Ванчо Прќе“ - Штип. Наставниците споделија за нивните почетоци со Значајното физичко образование (Meaningful PE), како изгледа во нивната наставна пракса, но и какви промени забележуваат кај учениците. Споделените примери од реални ситуации, варијациите на имплементација на принципите во различни ситуации на часот преку примена на демократските и рефлективни педагогии, како и придобивките од аспект на поттикнување на инклузијата и различностите преку Meaningful PE, беа особено значајни за сите учесници, но особено за студентите кои моментално ја реализираат методичката пракса по ФЗО.
Работилницата е прва од серијата работилници за промовирање на концептот на Значајно физичко образование. Истите се трета фаза од проектот Champions in Meaningful PE for inclusion and diversity од програмата Еразмус+, координиран од Marry Imaculate College од Ирска. Во проектот, покрај УГД, вклучени се и универзитети и наставници од Норвешка, Данска, Шпанија, Ирска и Шкотска, како и експерти од Канада и од Шкотска. Претставници од УГД во проектот се проф. д-р Билјана Попеска и проф. д-р Снежана Јованова-Митковска.










