Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како партнер во Европската универзитетска алијанса ACE²-EU, учествува во проектот ACEploration, дел од Фабриката за применети програми и педагогија (APP Factory – WP2) во рамките на Алијансата.
ACEploration претставува серија работни мисии кои се организираат од различни универзитети-партнери во Алијансата и имаат за цел да ги поврзат академските кадри од сите институции членки. Преку овие активности се поттикнува кокреирање на нови можности за учење, развој на иновативни педагошки формати и иницијативи насочени кон иднината на високото образование.
Мисиите се осмислени како своевидни „работни лаборатории“ во кои се комбинираат структуриран дијалог, интердисциплинарна размена на идеи и заедничко академско планирање. Притоа, акцентот е ставен на развој на заеднички академски програми, зајакнување на институционалната соработка меѓу универзитетите во Алијансата и отворање нови можности за мобилност на наставничкиот кадар и студентите.
Дополнително, ACEploration мисиите имаат за цел да ги вклучат и општествените и надворешните партнери во процесот на создавање на современи образовни модели, со посебен фокус на дигиталните и зелените пристапи во образованието.
Темата на оваа ACEploration е „Водечко лидерство со цел“, разгледувана од хуманистичка, професионална и интердисциплинарна перспектива. Во рамките на дискусиите, лидерството се третира како трансформативна сила заснована на лична одговорност, професионална извонредност и соработка меѓу различни дисциплини, со цел да се создаде позитивно влијание во општеството.
Во оваа активност активно учествуваат и претставници на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Со свои професори се вклучија Факултетот за образовни науки и Факултетот за туризам и бизнис логистика, кои преку своето учество придонесоа во размената на искуства и во развојот на нови академски иницијативи во рамките на Европската алијанса.