Во организација на студентите и вработените од Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, на 29 декември 2025 година успешно беше одржана Новогодишна претстава наменета за децата на вработените на Универзитетот.

Претставата, реализирана со многу креативност и ентузијазам, понуди топла и разиграна приказна во која главните јунаци ја откриваат својата новогодишна тајна во волшебна шумска атмосфера. На патот тие се среќаваат со своите пријатели – Снешко Бел и Снежанка, носејќи силна порака за другарство, надеж и празнична радост.

Авторскиот тим на претставата го сочинуваа: Милорад Ангелов – актер, проф. д-р Томислав Стојановски, проф. д-р Кирил Барабарев и проф. д-р Оливер Цацков, додека за визуелниот идентитет и дизајнот на плакатот беше задолжен Александар Величков.

Во претставата настапија студентите: Ана – Симона Стојчевска, Мина – Михаела Ристова, Снежна Плодинка – Ивана Манева, Баба Меца – Елена Шутевска, Трими – Мартина Минова, Тили – Сара Саздевска, Дедо Мраз – Габриела Коцева и Бела Смела – Тина Соколовска.
Како гостин настапи Дарко Наковски во улогата на Снешко Бел, а дел од сценската приказна беа и дечињата од Драмското студио: Исидора Игнатов (Радоста), Јована Коцева (Прегратката) и Андреа Чочева (Надежта).

Настанот се одржа во салата на Народниот театар - Штип и беше проследен со голем интерес и позитивни реакции, особено од најмладата публика. Со оваа претстава, Факултетот за образовни науки уште еднаш ја потврди својата посветеност на практичната едукација, креативната работа со студентите и негувањето на универзитетската заедница преку културни и едукативни настани.