Предавање на тема „Улогата на наставникот во креирање на активни и здрави училишта“ се одржа на Универзитeт „Гоце Делчев“, од страна на еминентниот професор Марк Клос од Универзитетот во Лиеж – Белгија. Професорот од Белгија зборуваше за улогата на улилиштето како место кое е едно од најважните за развивање на физичката активност.
- Важно е тие како идни наставници да учествуваат во промоцијата на физичките активности, затоа што живееме во општество кое во моментот е повеќе седечко. И ние и целото општество мораме да направиме нешто, а училиштето се место каде што животот практично започнува. Ако децата се едуцирани од страна на нивните наставници, има можност нешто да се промени - изјави Марк Клос, професор на Универзитетот во Лиеж, Белгија.
Предавањето е продолжение на заедничката соработка меѓу УГД и професорот Клос. Професорката Билјана Попеска од УГД веќе во неколку наврати соработува со Универзитетот во Лиеж.
- Целата идеја потекна од мојата двегодишна соработка со професорот, со кој заедно учествувавме во проекти. Неговото присуство е во рамките на Еразмус плус и се надевам дека ќе произлезат нови соработки - изјави проф. д-р Билјана Попевска, професор на Факултетот за образовни науки.
Деканката на Факултетот за образовани науки, проф. д-р Соња Петрова, истакна дека ваквата соработка е одлична можност да се пренесат знаења и студентите да се стекнат со нови искуства.
- Ова е добра можност да ги споделиме нашите искуства, да научиме нешто и да пренесеме нешто од нашето знаење - истакна проф. д-р Соња Петрова, декан на ФОН.
Професорот од Белгија најави дека УГД заедно со него и Универзитетот од Белгија аплицирале за меѓународен проект и се надеваат дека ќе го добијат, со што ќе ја продолжат соработката во насока на унапредување на физичкото образование.
Професор од Белгија одржа предавање на УГД