Професорот Љубен Тевдовски од Институтот за историја и археологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип имаше значајно излагање на светски прворангираниот универзитет во областа на класичните науки и античката историја, „Сапиенца“ во Рим.
На триесеттата јубилејна годишна конференција на Европската асоцијација на археолозите, чиј домаќин во 2024 година беше Универзитетот „Сапиенца“ во Рим, Италија, кој е веќе пет години прворангиран универзитет во светот во областа на класичните науки и античката историја, значајно претставување имаше и Универзитетот „Гоце Делчев“.
Иако професорот Тевдовски повеќе години соработува на повеќе форуми и изданија со тимот на Институтот за проучување на антиката на Универзитетот домаќин, „Сапиенца“, во оваа прилика неговото излагање на овој значаен форум беше во организација на тимот од Универзитетот „Оксфорд“, предводен од професорот по римска археологија, Џон Хансон.
Пред излагањето професорот на УГД беше претставен од својата повеќегодишна колешка и соработничка, проф. Емануела Боргија од Универзитетот „Сапиенца“. Професорката Боргија нагласи дека и покрај тоа што оваа година колегите од конкурентскиот институт на Оксфорд го вклучиле Тевдовски во својот панел, соработката на нашиот експерт продолжува и со тимот на Сапиенца, со кој ја подготвуваат и третата заедничка книга. На престижниот панел Тевдовски се претстави со својот научен осврт: „Разбирајќи го Рим надвор од границите на неговата империја“.
Професор Тевдовски оствари и значајни билатерални средби со главните организатори на Конференцијата, проректорот за археологија на Сапиенца, професор Паоло Карафа и претседателот на Научниот и организациониот комитет на годишната конференција и претставник на Сапиенца во Европската асоцијација на археолози, професор Алесандро Ванцети. Карафа и Ванцети се заблагодарија на професорот Тевдовски за повеќегодишната соработка со Сапиенца и разменија мислења за можностите за продлабочена соработка во археологијата помеѓу Универзитетот „Сапиенца“ и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.