Деканката на Факултетот за образовни науки (ФОН) при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Соња Петровска, оствари средба со деканот на Педагошкиот факултет на Универзитетот во Љубљана, Словенија, проф. д-р Јанез Вогринц.
На средбата се зборуваше за можностите за соработка помеѓу двата факултета. Според проф. д-р Петровска, тие се пред сѐ во размената на студенти и наставнички кадар преку програмите за мобилност.
- Се договараме околу склучување на договори за студентска и наставничка мобилност во рамки на Еразмус плус програмата, учество и реализација на различни конференции и други заеднички програми.
Според деканот на Педагошкиот факултет во Љубљана, има можности за соработка и тие се заинтересирани.
- Заинтересирани сме за соработка во повеќе различни области, една е, како што рече мојата колешка, во Еразмус плус мобилноста, а секако и во областа на истражувачки активности, како што се конференции и останати истражувачки проекти. Уште пред да дојдам на Универзитетот имам добри информации за УГД од моите колеги од Македонија, а секако ја посетив и веб-страницата на Универзитетот и добив многу информации – изјави проф. д-р Вогринц.