Во изминатиот период реномираниот ликовен уметник и  професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип  д-р Никола Смилков имаше неколку самостојни меѓународни изложби кои предизвикаа меѓународен интерес и внимание. Едната изложба заврши во Галеријата MC во Њујорк, САД, а другата е сѐ уште во тек во Посавскиот музеј во Брежице, Словенија.

На ликовната изложба под наслов „Поглед во небо“ во Словенија се изложени 30 дела низ кои е претставена фигурација во мермер и бронза. 

Изложбата ја отворија директорката на Музејот Аленка Чернелич-Крошељ и историчарот на уметност Маруша Ерпич. Организатор на изложбата е Никола Франич.

Покровител на изложбата се Министерството за култура на Република Словенија, Посавски музеј, Општина Брежице, Галерија 46 и Универзитетот „Гоце Делчев“.

Изложбата ќе биде отворена до 25.11.2023 г.

 

 

Самостојната изложба во Њујорк со значаен интерес во САД

Голем интерес предизвика и самостојната изложба на проф. д-р Смилков во Галеријата MC во Њујорк.

Станува збор за самостојната ликовна  изложба од проектот „INNER FEELINGS“, одобрена во областа на меѓународната соработка за 2023 година, која беше отворена на 20.10.2023 г. во Македонскиот културен центар во Њујорк, „Gallery MC“, од страна на Горазд Попоски. На изложбата беа претставени осум скулптури во мермер и бронза.

Смилков своето уметничко дело како од самите негови почетоци да го поврзува со таинствени нишки со култниот однос кон човечката фигура, особено женската, како центар на микрокосмичките случувања. За неговиот создавачко-креативен импулс фигурата претставува како интуирање на смислата на еден реално даден облик, така и особена загатка со определена материјална таинственост низ која еманираат ирационални димензии на уметничкото, кое подразбира и ликовно и психолошко и духовно, со осмислување на важните димензии на архетипското. Сведена, кубистички поедноставена, во дискурс на минимализмот прецизно обликуваната форма оддава низ призмата на ликовното необично важни, суштински ознаки на значењето во својата содржина.

„Претставените женски ликови/актови, кај кои голотијата останува потисната пред напливот на исказите на различни емоционални состојби конкретизирани со став или придвиженост, укажуваат на универзалниот симбол на женскиот принцип, кој озарува со мирноста, топлината, нежноста, но и силата, па однадвор и однатре прави енергетски ‘рбет без кој не се може; создава вдишување без кое би немало издишување. И не случајно, реализирани во материјал каков што е бронзата, материјал со длабока симболика, тоа е архетипски симбол на женскиот принцип кој зрачи со тактилна префинетост, можна асоцијација на Големата мајка, на изворот на сиот живот, принципот на исполнетост, било да станува збор за тага или радост, прастаро дете на времето, суверен на сите духовни нешта, симбол на сите состојби на космичкиот живот, слободата и обединувањето на сите елементи, и земни, и небесни (наведнување и издигнување), чувствителноста на срцето (триаголна форма на телото) и мудроста на умот (квадратна форма на главата) кои придвижуваат цел универзум и го содржат внатре во себе“ - извадок од ликовна критика на м-р Луција Ѓурашковиќ (историчар на уметност).

Никола Смилков е роден во 1973 година во Штип, Македонија. Студирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирал, а магистрирал во 2002 година од областа на вајарството во класата на проф. Драган Попоски Дада.

Во 2012 година се стекнува со титула доктор на науки на Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, од областа методика на ликовно образование.

Тој учествувал на многу меѓународни симпозиуми, при кои има поставено повеќе монументални скулптури и учество на групни изложби во Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Кина, Египет и Индија.

За време на професионалната кариера реализирал неколку студиски посети, вклучително и во Cite De Arts во Париз и Прима центар во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби.

Во 2021 година, тој беше награден со Гран-при на 5. Меѓународно биенале на акт „Марко Крстов Греговиќ“ во Будва, Црна Гора.

Како национално признание за неговата уметничка работа, Смилков е двапати наградуван.

Во 2008 г. и во 2016 г. ја добива Првата награда за скулптурата „Димо Тодоровски“ од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

Во 2022 година го добива признанието „8 ноември“ на Општина Штип за исклучителен придонес за афирмирањето на Штип како уметник и ликовен педагог.

 

Технички секретар

Бистра Василева-Ушинова
Тел: +389 32 550 500
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

Студентски прашања

Штип - Милена Цацкова

Тел: +389 32 550 062

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Струмица - Цонка Чеботарева

Тел: +389 32 550 578

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Секретар

Марјан Ристов

Тел: +389 32 550 182

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.