Во рамките на проектот за медиумска писменост на УСАИД, „Младите размислуваат“, ИКС и ИРЕКС, Факултетот за образовни науки започна со реализација на активностите на проектот за медиумска писменост.
Цел е подобрување на предметната програма „Образованието и медиумската култура“, подигање на свеста за значењето на медиумите кај младите луѓе. Предложените активности имаат за цел развивање компетенции и вештини кај студентите за пристап до различни форми на медиумски содржини, способност за критичка анализа на медиумска содржина, како и вештини за продукција на медиумски содржини. Пристапот е интердисциплинарен и вклучува повеќе предметни програми во кои ќе се креираат теми од областа на медиумската писменост.
Во рамките на проектот планирано е, прво, да се набави литература за библиотеката на факултетот и, второ, да се направат две истражувања кои ќе ги спроведат студентите, во кои ќе се консултираат позитивни меѓународни искуства, ќе се истражуваат програмите на другите факултети во регионот и во земјите на ЕУ, како и структурираноста на учебниците и прирачниците по медиумска култура и писменост, кои ќе влезат како дел од планираниот прирачник по предметот Образование и медиумска култура, достапен бесплатно за студентите на е-библиотеката на УДГ и на пошироката јавност.
Во проектот се вклучени проф. д-р Трајче Стојанов, проф. д-р Даниела Коцева, проф. д-р Јадранка Рунчева, а координатор на проектот е проф. д-р Кирил Барбареев.