Излезе од печат книгата „Многуимените други: Македонија како пресечна точка на другоста на средновековниот Балкан (идентитетски студии)“ од проф. д-р Стојко Стојков, во издание на Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ - Штип. Таа е посветена на една од најконтроверзните теми на нашето време: идентитетот на луѓето во Македонија и Балканот во средниот век.
Во рецензијата за книгата проф. д-р Коста Аџиевски констатира: „Книгата на д-р Стојко Стојков се заснова на богат изворен материјал и обемна научна литература. Опфаќа импозантен опус од 320 научни труда, 129 монографии и збирки на историски извори од различна провениенција. Таа пополнува многу важна празнина во македонската историографија и претставува значаен придонес во истражувањето на идентитетските прашања во средновековна Македонија и пошироко... Доаѓа во време кога научната заедница, но и општеството, бараат одговори на идентитетските прашања, кои повторно се најдоа во центарот на општествениот, а особено на политичкиот живот во нашата држава“.