Факултетот за образовни науки ги промовираше прирачниците „Математика низ игра, збор и разговор“ за деца од 2 до 4 години и „Математика низ игра, збор и разговор“ за деца од 4 до 6 години од авторките Елизабета Симоновска, Магдалена Стојанова, Јасминка Кукушева, Катица Трајкова, Цветанка Наковска, проф. д-р Снежана Мирасчиева и проф. д-р Снежана Јованова-Митковска.
Прирачниците се издадени од страна на Издавачката куќа „Просветно дело“, а соработката за изработка на истите е направена и со практичари од детските градинки.
- Внатре се поместени активности кои се реализирани од сите автори кои се практичари и воспитувачи. Меѓутоа, без наука не е можно да се потврдат нашите достигнувања, ниту пак ние можеме да одиме напред, и затоа во авторскиот тим се и професори од Факултетот за образовни науки кои нѐ поддржуваат. Во овие прирачници има голем број активности кои ги задоволуваат барањата на децата - изјави Елизабета Симоновска, педагог во Детска градинка „Астибо“.
Покрај промоцијата на прирачниците, Факултетот за образовни науки потпиша и Договор за соработка со Сојузот на просветни работници.
- ФОН покажува уште еднаш дека е жив и дека работи и во услови на пандемија ние продолжуваме да соработуваме и твориме - истакна проф. д-р Емилија Петрова-Ѓорѓева, деканка на Факултетот за образовни науки.
Во продолжение проследете ги изјавите од авторките на прирачниците и сите инволвирани во овој процес.