Ниту еден факултет, ниту една професија нема да му донесе никаква среќа на младиот човек, ако ја нема страста, посветеноста, љубовта со која гори за она што го работи! – вели проф.д-р Стојанов

Често се случува, откако младиот човек ќе донесе една одлука, откако ќе се запише на факултетот што го избрал, по една година или еден семестар, да се премисли, па или да го остави, да се демотивира или да се запише, т.е. презапише на друг. Но, ништо не е страшно. На 18 години, „губењето“ еден семестар, па и една година, не е крај на светот. Впрочем, тоа и било дел од зреењето, така што дури и таа „погрешна“ одлука, не била погрешна, ами била во функција на зреењето. Така, младиот човек барем со сигурност знае што не сака – вели проф.д-р Трајче Стојанов, професор по етика и филозофија на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Проф. д-р Трајче Стојанов од УГД

Темата како правилно да се избере факултет е евергрин, а мислења има повеќе. Овојпат консултиравме двајца професори да споделат од нивното искуство, што би ги советувале идните студенти.

- На 18 години мислите дека сте доволно зрел и самостоен за да носите самостојни одлуки. И тоа би требало да е така. Но, не секогаш работите се црно-бели. Неволјата лежи во сивото. И научно е потврдено дека психофизичкиот развој не е ниту рамномерен, ниту идентичен кај сите луѓе. Едни „зреат“ побргу, други побавно. Едни вчера, други денес, трети утре, иако се на иста возраст, потекнуваат од слично социјално милје и имаат слични услови за развој. Така што, постои голема веројатност, особено кај машкиот пол, кој „доцни“ во развојот зад женскиот, одлуката за тоа на кој факултет ќе се запише да не биде донесена најправилно и како резултат на „зрелост“ – вели Стојанов.

Тој смета дека клучно во изборот на факултет и идна професија е страста кон нешто. Стојанов смета дека никакви други фактори не треба да влијаат ако доминира страста за некоја област.

- Немојте да мислите дали тоа е „актуелно“, дали ќе им се допадне на мама и тато, дали ќе го разочарате дечкото/девојката, особено - дали ќе има работа со таа професија или сл. Денеска многу често во тие калкулации влегуваат овие „надворешни“ варијабли, па под притисок на актуелните професии, професии кои ги бара пазарот и сл. младите ги носат своите одлуки. Но, од лично искуство ви говорам, таквиот избор може ќе ви ги отвори вратите на пазарот на труд, можеби и ќе најдете брзо работа, но ќе ја изгубите страста. Ќе бидете богат, но нема да бидете среќен. Не било актуелно да се студира книжевност? Кому му е гајле, ако тоа е вашата страст! Глупо било во ера на дигитализација да се студира класични студии? Ич да не се грижите! Што ќе ви философија е во 21. век? Ако тоа е вашата страст – газете, вратите натаму сами ќе ви се отворат! – категоричен е проф.Стојанов, кој додава дека изборот на факултетот треба да биде исклучиво личен, макар какви и да биле мотивите што го водат младиот човек.
Според професорот Владимир Каранаков од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, афинитетите кон некоја професија се профилираат низ времето и созревањето.
- Меѓутоа, многу фактори одлучуваат. Семејни традиции, семејни бизниси можат да го дефинираат патоказот кон кој би се движела следната професија, но тоа често и не е правило. Секој има право да одлучува за својата иднина. Родителите, како поискусни, секако дека треба да дадат конструктивен совет на помладите, но добро дозиран и не пристрасно субјективен. Знаете, секое време има „фаворит“ трендовски професии кои еден дел од младата популација ги повлекува кон нив и покрај тоа што некој нема афинитет кон истите. Советите на родителите би биле добри во насока да им објаснат на идните студенти во каков предизвик евентуално би влегле – вели Каранаков.

Проф.д-р Владимир Каранаков

Според проф.д-р Стојанов, родителот кој добро си го знае своето дете (а би требало да е така, иако никогаш никого не можеме да знаеме целосно, дури и сопственото дете), тоа знаење му кажува или дека синот не му е доволно зрел за таква самостојна одлука, или дека е под влијание на другарите, на девојката, или сѐ уште не е доволно зрел и осознаен за да си ги препознае дарбите и квалитетите кои се гледаат и насетуваат, но ете, тој не може да си ги види.

- Помошта што родителите би им ја дале на децата треба да биде скроена по индивидуална мерка, по мерка на приликата и на децата. Ако родителот знае дека детето е „вербален“ тип на карактер, дека докажано знае да пишува раскази, есеи, ако чита, а ете, заради „притисок“ од девојката, другарите...наместо на книжевност, се одлучува за информатика, зарем не треба да му сугерира? Или, пак, ако идниот студент не е доволно зрел, не си препознава во себе ниту една дарбина, а родителот препознава, зарем не треба да го насочи, дури и „притисне“ кон остварување на таа дарбина? Но, секако, не треба да се меша, до степен да ја уништи страста и желбата. Ниту еден факултет, ниту една професија нема да му донесе никаква среќа на младиот човек, ако ја нема страста, посветеноста, љубовта со која гори за она што го работи! – вели Стојанов.
Понекогаш може да се направи погрешен чекор во изборот на струка. Некогаш дури и да има страст кон нешто, може да се случи по еден семестар, година, да сфатите дека сте направиле погрешен избор.

 - Не грижете се, или тоа не била вистинската страст или сега допрва сте откриле нова, уште поголема. Не плашете се од изборот што сте го направиле. Еднаш направен избор е ваш и само ваш, не колебајте се и чекорете храбро по патот на тој избор што сте го направиле. И секогаш за време на студиите давајте сè од себе, читајте, работете, пишувајте сè што ќе ви дадат наставниците, не плашете се дека многу работите. Никогаш подоцна нема да имате прилика да го сработите тоа што ќе го сработите на факултет, не лажете се дека таа книга ќе ја прочитате подоцна, тој проект ќе го сработите подоцна, тоа ќе го научите откако ќе дипломирате, тоа ќе го истражувате откако ќе дипломирате... Не, верувајте, сега и овде! – завршува професорот Стојанов.

Професорот Каранаков исто така се согласува дека воопшто не е трагично ако не се покаже најправилен изборот на факултет.

- Секогаш постои можноста да се одбере друга посакувана професија. Тоа е процес на доживотно образование. Знам многу примери каде наши колеги, патем одлични студенти, животот ги одвел во сосема друга професија, меѓутоа секако поврзана со уметноста, на пример, студија за графички дизајн, студија за тетовирање, музика итн – вели тој.

Преземено од Факултети мк:

https://www.fakulteti.mk/news/29072020/ne-bilo-aktuelno-da-se-studira-knizhevnost-shto-kje-vi-e-filosofija-vo-21-vek-ako-toa-e-vashata-strast---gazete-vratite-sami-kje-vi-se-otvorat

Технички секретар

Бистра Василева-Ушинова
Тел: +389 32 550 500
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

Студентски прашања

Штип - Милена Цацкова

Тел: +389 32 550 062

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Струмица - Цонка Чеботарева

Тел: +389 32 550 578

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Секретар

Марјан Ристов

Тел: +389 32 550 182

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.