Проф. д-р Јурка Лепичник-Водопивец од Педагошкиот факултет на Приморскиот универзитет во Копер, Словенија, промовираше своја книга и одржа предавање на Факултетот за образовни науки.
Книгата „Од образование за животна средина до одржлив развој во детските градинки“ ја преведе проф. д-р Кирил Барбареев, а беше промовирана во присуство на професори и студенти од Факултетот за образовни науки, како и кадар од детските градинки во Штип.
- Денес сме посебно задоволни и привилегирани што имаме гостин професор од Словенија, од Педагошкиот факултет на Приморскиот универзитет во Копер. Книгата што ја промовираме е преведена од нашиот Факултет за образовни науки и веќе станува збор за хармонизирање на студиски програми помеѓу факултетот во Копер и факултетот во Штип. Во книгата провејува одржливиот развој, а бидејќи има повеќе дефиниции што е тоа развој, бидејќи станува збор за воспитание и образование, станува збор за развој и за подигање на одговорноста кон себе, одговорноста кон другите и одговорноста кон природата. Конечно, она што се принципите на Делорс – да научиме да учиме, да научиме да живееме и да научиме да живееме заедно. Развојот не е само во економското производство, развојот е еден многу голем сегмент, тоа е еден холистички пристап кој зборува за подигање на вредностите во општеството и вредностите кај човекот – изјави проф. д-р Кирил Барбареев.
По промоцијата на книгата, проф. д-р Јурка Лепичник-Водопивец одржа предавање на тема „Современите тенденции во 21 век и импликациите врз активностите во детските градинки и наставата во училиштата“. Професорката Лепичник-Водопивец на новинарски прашања одговори и за возраста во која е најдобро децата да почнат да учат:
- Во нашите градинки почнуваме да учиме со децата уште од единаесет месеци, годинка, кога почнуваат да одат во градинка. На почеток тоа е како еден вид игра, но ако тоа го правиме со некоја цел, во нашите градинки можете да видите деца од три или четири години кои точно знаат каде кое ѓубре треба да се фрли, зошто хартијата не треба да се фрли покрај кошничката, зошто не смееме на животните да им го кратиме нивниот животен простор – изјави проф. д-р Лепичник-Водопивец.
Таа како член на Регионалната стручна група за предучилишно воспитание е коавтор на „Белата книга“ за воспитание и образование во Република Словенија, која излезе во 2011 година, и е учесник во реформите во образовниот систем во Словенија.
- За секоја реформа е потребно време. Не можеме да очекуваме дека тоа ќе се случи за една или две години. Нашите студенти кои излегуваат од нашите студиски програми веруваме дека се компетентни за работата што ја работат, но и ним им требаат неколку години за да започнат со работа како што се очекува од нив. За децата и литературата за нив – кај нас во Словенија еваулацијата е нешто за што во секое одделение и група се одговорни учителот и директорот. Тоа е внатрешната евалуација, а имаме и надворешна евалуација во која влегуваат стручњаци од универзитет или од институт. Но, сѐ повеќе се говори дека тоа треба да биде внатрешна евалуација, затоа нашите студенти се подготвуваат кога учат и кога усвојуваат нови компетенции, ние им нудиме да усвојат компетенции на подрачјето на самоевалуација, тоа мислам дека е многу значајно. Кога станува збор за учебниците, кои треба да ги користат наставниците и воспитувачите, тие се подложни на рецензија, и тоа од најмалку двајца рецензенти – стручњаци од соодветната област. Најважно е дека тоа е таканаречена „дабл блинд рецензија“, што значи дека тие не знаат кој е авторот на тој труд и тоа е таа основа на која се гради политиката на содржината на учебниците. Понекогаш има и пропусти и нешто што не е баш така, но тоа е визија на развојот на тоа подрачје – вели проф. д-р Јурка Лепичник-Водопивец.
Промоција на книга и предавање
Промоција на книга и предавање