Студенти од Факултетот за образовни науки беа во посета и престојуваа во Шведска, во Стокхолм и во Упсала.
Оваа студиска посета им овозможи на студентите да видат, посетат и разменат искуства со други институции како што се педагошките факултети, музеи, невладини организации кои работат во областа на решавање конфликти и човекови права, инклузивност, мултикултурализам, деца со попреченост и сл.
Студентите, исто така, имаа можност подобро да ги запознаат градовите Стокхолм и Упсала, како и нивната историја и култура.
Ги пренесуваме искуствата на студентите од оваа посета.
„Денот на тргнување беше 15 септември 2024 год. во доцните часови од аеродромот во Скопје. Оваа патување се одвиваше со авион и тоа со следниве локации: Македонија-Виена и Виена-Стокхолм. Сите студенти чувствуваа и возбуда и страв во исто време, но додека авионот леташе имавме доволно време со некои од студентите подобро да се запознаеме. Во Стокхолм пристигнавме на 16 септември во раните часови и се сместивме во Хостел Генератор (Hostel Generator).
Истиот ден имавме “City tour - Treasure Hunt”, односно „Обиколка - Лов на богатство“ во главниот град Стокхолм, каде поголемиот дел од времето шетавме, разгледувавме и ги сликавме убавините кои ни се нудеа. Додека правевме обиколка, бевме поделени во помали групи од по 4 члена при што секоја група имаше задача колку што може подобро да се запознае со историјата и културата на луѓето во Шведска преку остварување директен контакт со локалните жители или пребарувајќи на интернет“.
Во рамките на посетите на важните институции и установи во овие два града во Шведска, студентите имаа можност да видат како функционира Фондацијата „Даг Хамарскјолд” која е невладина организација основана во 1962 г. чија главна цел е да го унапреди дијалогот и пред сѐ градење мир, спокојство и безбедност. Фондацијата нагласуваше потреба за поинклузивен, кохерентен и стратешки ангажман со активно вклучување на индивидуи со цел справување со кревкоста и конфликтот. Потоа ја посетивме црквата “St Johannes kyrka” т.е. Црквата „Санкт Јоханес“ („Свети Јован”) која датира од 1890 г. и се наоѓа на северниот дел од Стокхолм.
“Uppsala university department of peace and conflict studies”, односно „Универзитетот во Упсала, катедра која се занимава со студии за мир и конфликти” беше следната дестинација во рамките на студискиот престој. Овој универзитет датира од 1971 год. кој спроведува истражувања, нуди курсеви и студии за мир и конфликт. Катедрата е мултидисциплинарна т.е. се состои од истражувачи од областа како што се социологијата, психологијата, политички науки итн.Тие остварувале соработка со нашите соседни земји и тоа со: Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Романија и се надеваат на соработка и со Македонија.
Идните педагози и наставници се запознаа и со институцијата која директно се занимава со подготовка на кадар од областа на педагогијата - “Stockholm University Pedagogical Faculty” - “Педагошкиот факултет во Стокхолм”.
„Имаат околу 40000 студенти кои ги образуваат 1400 професори каде постојат 300 видови на програми и 1000 видови на најразлични курсеви. Потоа имавме предавање на тема како идните педагози,наставници и воспитувачи се справуваат со деца кои имаат пречки во развојот и како да постапуваат. Исто така, ни беше соопштено дека во Шведска образовниот систем е целосно бесплатен во кои спаѓаат прв,втор и трет циклус на студии. Исто така, го цитирам тамошниот професор Нихад Бунар кој рече: „Јас се занимавам со истражувачки проекти: „Услови за растење на децата и адолесцентите” и „Деца и млади луѓе со миграциско потекло во адаптирано основно училиште”, потоа и додаде „учете и покажете наклонетост кон другите, не плашете се да ја искажете емпатијата, таму се крие богатството”.
Стокхолм изобилува и со уметнички и културни знаменитости кои вреди да се видат. Меѓу нив е и Градскиот музеј.
„Градскиот музеј во Стокхолм датира уште од 1942 год. Овој музеј е најголемиот општински музеј во кој има 300.000 предмети од историски интереси, 20.000 уметнички дела и многу слики од населението. Овој музеј нуди волшебно патување низ времето прикажувајќи ја еволуцијата на Стокхолм, исто така, имаат голем број на изложби кои служат како прозорец кон минатото, истакнувајќи го урбаниот живот, традициите и културното наследство што го обликувало градот“.
Студентите добија сертификати од посетата во Стокхолм, а во Македонија се вратија со искуства и впечатоци кои ќе им значат во нивниот натамошен развој и образование.