Факултетот за образовни науки на УГД организира Стручен собир „Денови на инклузијата - Со љубов и поддршка да создадеме свет без бариери“.
Во три дена, на повеќе панели, на темата инклузија во образованието говорат професори и стручни лица од земјава и од странство.
За значењето на инклузијата, но и за следењето на современите текови во оваа област, како и значењето на ваквите стручни собири, проф. д-р Соња Петровска рече дека во последните триесет години една од најсериозните, најсеопфатните, ама и водени една од најсуптилните реформи што се случуваат во образованието во светски рамки, е воведувањето на инклузивниот модел на образование.
„Постојат силно изразени тенденции да се создадат средини за учење на децата и младите, во коишто секој ќе се чувствува прифатен и добредојден. Одлучивме оваа година да организираме Денови на инклузијата, Стручен симпозиум, во којшто ги поканивме нашите непосредни соработници – училиштата, детските градинки, родителите, децата, родителите на децата со попреченост. Во текот на овие три дена се организираат неколку работилници, предавања и посебни активности за студенти, со кои ќе се обидеме да актуализираме прашања важни за инклузијата во образованието, како што е музикотерапијата, користењето на различни стратегии во работата со деца со попреченост, како и едно воведно предавање каде што ќе се зборува посебно за карактеристиките на инклузивното училиште, при што ќе бидат детерминирани клучните фактори предизвици на кои ќе треба да работи нашата држава во поглед на зајакнување на овој модел. Инклузијата е еден суптилен процес. Значи, тој допира до интимата на секое семејство. Историјата на образованието покажува дека тоа всушност низ вековите имало дискриминациски и сегрегирачки карактер. Многу одамна децата кои биле со некакви пречки во развојот воопшто не посетувале настава, па еден период во историјата женските деца не посетувале училиште, не биле вклучени, па сиромашните деца... Но еве сега преку инклузијата светот се обидува сите овие деца да ги вклучи во редовните образовни институции, создавајќи услови за нивен индивидуален развој. Важно е да се каже дека инклузивното образование не е цел на нашето образование. Тоа е еден континуиран процес на бројни активности во кои се вклучени многу чинители. Но, три клучни фактори се важни. Тоа се политиките, градењето на културата во општеството и во образовните институции и зајакнување на праксата. Во тој контекст денес, после две децении од воведувањето на инклузивниот модел и во Македонија, може да се забележи промена на ставовите на општеството, па посебно и промена на ставовите на родителите чии деца се попречени во нивниот развој, но и промена на ставовите на типичните родители, во позитивна смисла“ – изјави проф. д-р Петровска.
На Деновите на инклузијата на ФОН свое значајно место имаа и родителите на деца со попреченост, како и децата со попреченост, што всушност е потврда дека во целиот процес треба да бидат вклучени сите чинители и засегнати од оваа област.