Уникатна изложба „Јас, историјата“ на проф. д-р Оливер Цацков од Факултетот за образовни науки при УГД беше отворена во Народната и универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип.

На неа се изложени предмети кои речиси секој може да ги препознае како дел од својот живот, а се сведоштво за животот во периодот од 1900 до 1990 година.
Според професорот Цацков, три поенти се значајни за оваа изложба.
- Всушност, имаме три поенти. Првата е дека историјата не е само од епохални настани, туку и дека историјата е секојдневие, преполно со различни ритуали, ситни работи кои го сочинуваат секојдневниот живот. Втората беше штипјани да ги вратиме во минатото, да се потсетат со носталгичност на времето во коешто живееле, на предмети кои тотално ги заборавиле и третата, за мене најважната, со учениците од гимназијата „Славчо Стојменски“ да направиме работилница со која ќе ги вратиме во времето на нивните предци. Целта е да сфатат дека 90 % од она што е изложено, а изложени се над двесте предмети, денес тие го имаат во мобилниот телефон. Да направат една разлика за тоа како од период на деветстотата, од рачно изработени алати, за само осумдесетина години дојдовме до првиот персонален компјутер, односно да го сфатат тој цивилизациски скок. Собирањето на предметите одеше лесно, бидејќи овие предмети се од мојата колекција и од колешката Анита Илиева-Николовска од Лексикографскиот центар во МАНУ. Затоа немавме многу проблем со собирањето, но навистина беше предизвик да се сложи во една хронолошка целина, која се надевам дека посетителите ќе оценат дека е успешна. Сите ние во нашите домови имаме колекции кои не треба да се фрлаат, кои не треба да се игнорираат, туку напротив, сите предмети кои ги имаме значат многу, кажуваат многу, и да биде еден апел дека секој може во својот дом да си дозволи едно катче во кое ќе ги чува барем оние најинтимните, најблиските и најубавите предмети од своите предци, бидејќи времето навистина покажува, а еве тоа и изложбата го покажа, дека будат многу носталгија и многу спомени – изјави професорот Оливер Цацков.